Tuesday, April 26, 2016

КОЛЕКТИВЕН ПРЕСИНГ


Пресинг - начин на кој може да се успори или да се насочи противникот во одреден простор од теренот каде што се посакува или да се освои топката повторно назад. Пресингот е еден вид на контрола на играта без топка.

Целта на пресингот е да се скрати времето и просторот на противникот со топка, односно да се натера на избрзана одлука при додадавањето или дриблингот.
Студија која била спроведена во 1988 година покажува дека кога со помош на пресингот топката била освоена во последната/напаѓачка третина од теренот, 66% од вкупниот број на голови биле постигнати како резултат на тоа.
Многу тимови го користат пресингот како значителна тактика која ќе им овозможи полесно постигнување на голови и како начин на одбрана - високо на противничката половина.

"Топката треба да се освои кога е на 30м. од противничкиот гол, а не на 80м. од противничкиот гол".
Пеп Гвардиола

Концептот на агресивен пресинг без топка бил за прв пат прикажан на светската фудбалска сцена од страна на Виктор Маслов во 1960тите и набрзо станал доминантна карактеристика на фудбалските филозофии кои се базирале врз основа на поседот на топка. Подоцна Ринус Михелс и Валери Лобановски го унапредиле овој вид на игра и успешно го применувале со своите тимови

Пресингот може да се игра на 3 начина:

1. Целосен пресинг
2. Половичен пресинг
3. Лажен пресинг

Многу фудбалски стручњаци веруваат дека успешен фудбалски тим треба да ги применува сите 3 начина на пресинг во нивниот тактички пристап за да се освои топката од противникот.

Целосен пресинг
Целосниот пресинг ја промовира идејата за агресивен пресинг низ целиот терен и бара од играчите да вршат постојан притисок над противникот во сите делови на теренот, но тоа да биде координирано со соиграчите.

Половичен пресинг
Овој начин е инспириран од тактичките примени на овој пресинг во кошарката. Половичниот пресинг се дефинира со тоа што целиот тим веднаш по изгубена топка се повлекува на одреден дел од теренот, при што се поставува во претходно определена формација (во 3 компактни одбранбени линии) и единствено го пресираат противникот кога тие ќе ја донесат топката во просторот каде е одредено да се игра пресинг. Во кој дел од теренот ќе се игра овој вид на пресинг (пр. втора зона, на 30м. од сопствениот гол) одлучува тренерот и тоа го воигрува на тренинзите.
Овој концепт е базиран на принципот да противникот е слободен да игра но во одреден дел од теренот и не му се дозволува да игра во опасниот дел од теренот од каде може да претставува закана по голот.

Лажен пресинг
Овој начин во одреден дел е сличен на целосниот пресинг и целта е да се присили противникот на избрзана и непромислена игра кога го започнува нападот од нивната прва зона и често екипата која го игра овој пресинг лесно ја освојува топката. Да поедноставиме, лажниот пресинг се игра на начин што само 1 или 2 играчи вршат пресинг, додека останатите играчи од тимот се повлекуваат и не учествуваат во пресингот.

Многу тренери често им даваат инструкции на своите тимови да ги применуваат сите 3 начина на пресинг во одредени временски интервали во текот на натпреварот.
Некои тимови го користат целосниот пресинг веднаш на почетокот на натпреварот и потоа после одредено време тие ја променуваат тактиката и го користат лажниот пресинг или половичниот пресинг се со цел да се изнуди грешка кај противникот и да се освои топката.
Концептот на пресинг играта го принудува противничкиот тим да игра на одреден/лесно предвидлив начин и му овозможува на тимот кој го применува овој концепт да ја има контролата на натпреварот и покрај тоа што ја немаат контролата на топката.
Може да се забележи дека многу тимови поради одредени причини одбираат да играат пресинг само откако противникот ќе се доближи на 30-40м. од нивниот гол и со тоа противникот не може да игра успешно меѓу дефанзивните линии. Доколку погледнете во статистиката на таквите натпревари ќе заклучите дека тимот кој го имал поседот на топката наспроти тимот кој играл пресинг само на 30-40м. од својот гол, ја имал контролата над натпреварот. Но, вистината е дека тимот кој играл половичен пресинг го контролирал противникот на начин што му дозволувал да има посед на топка на просторот каде што тие одредиле и им препуштиле слободен простор далеку од својот гол. Притоа добро го контролирале тимот во посед на топката така што не му дозволиле да се доближи до шеснаесетникот и да создаде чисти шанси за гол.
Целта на пресингот на некој начин е да се намали големината на теренот кога противникот е во посед на топката. Исто така пресингот се користи и да се одбие првичниот напад се со цел останатите соиграчи да имаат време да се вратат на своите позиции и да се постават во блок.
Се разбира, најзначајниот бенефит од пресингот е да се принуди противникот да направи грешка и да се поврати поседот на топката. Додека пристапот со половичниот пресинг за време на целата утакмица има свои ситуациони предности, сепак за филозофиите кои се базирани на посед на топката, покорисен е целосниот и лажниот пресинг.
Како и да е, мое лично убедување е дека најдобро е да се освои топката што е можно поблиску до противничкиот гол. На овој начин поголеми се шансите да се постигне полесно гол и второ, способноста за да се сфати бенефитот од тоа да веднаш после изгубена топка во напаѓачката трета зона најлесно е да се освои топката со брз пресинг. Тоа значи дека уште кога топката е во посед на нашиот тим, играчите треба да се свесни дека откако ќе ја загубат топката треба веднаш да играат агресивен пресинг.

Правилото "6 секунди"

Пеп Гвардиола во Барселона го употребуваше ова правило, односно неговиот тим играше пресинг во третата напаѓачка зона. Идејата со примената на ова правило е да откако топката ќе биде загубена на противничката половина, тимот мора да ја поврати топката во свој посед во следните 6 секунди. Тоа кратко време се нарекува 6 секунди на хаос и изгубено време. Фудбалските филозофии кои се базираат на посед на топка, како Барселона, периодот кога не се во посед на топка го сметаат за изгубено време и затоа сакаат што е можно побрзо да ја освојат топката.
Во овие 6 секунди се применуваат серија од знаци/сигнали кои му овозможуваат на тимот да соработува во перфектна хармонија. Тоа се знаци/сигнали кои им испраќаат порака на играчите затоа кога и каде да пресираат заедно.
Вообичаено ова се прави во тројки каде што секој има задача и тоа едниот пресира, другиот дава подршка и третиот покрива.

Секој тим може да ги применува следните знаци за да ја освои топката веднаш откако ќе ја загуби:

1. Кога противникот ќе ја освои топката и ќе биде за момент свртен со лицето кон сопствениот гол.
Поради ова, противникот ја има намалено својата прегледност на играта и единствените опции му се да додаде кон назад или да ја исфрли топката надвор од игра. Во оваа ситуација лесно е да се предвиди дека ќе следи додавање кон назад и кога еден играч ќе му прави притисок на играчот со топката, другите играчи во близина имаат задача да ги лимитираат додавачките опции и да го принудат да игра до својот голман. На овој начин доколку играчот со топка премногу време размислува, може да се случи да ја загуби топката и да прими гол или доколку врати до голманот, голманот ќе биде принуден да игра долго додавање кон срцето на противничката одбрана каде што одбранбените играчи лесно ќе ја освојат топката.

2. Вториот знак е кога противникот лоше ќе ја прими топката, односно лошо ќе ја исконтролира.
Ова резултира со тоа што противникот ќе мора да го насочи својот поглед кон долу за да воспостави контрола над топката. Во овие драгоцени секунди, тимот треба колективно да нападне како и да го намали просторот на противникот за игра се со цел да испровоцира грешка.

3. Дрги пресинг знаци може да бидат одредени уште пред почетокот на натпреварот, односно да се знае дека кога топката е во гол аут, тимот треба да се постави високо и да го принуди голманот да ја дегажира топката.

Како и да е, тајната на успешниот пресинг ја гледам во тоа дека најважно е  позиционирањето на играчите уште пред да ја загубат топката. Но, клучот е во тоа да на тренинзите преку вежби им се пренесе идејата на играчите за да се свесни што се бара од нив. Со други зборови играчите треба да се изложени на тренингот на такви ситуации со кои што ќе се сретнат за време на натпреварот и да имаат претстава и да бидат подготвени како да реагираат во даден момент !

"Дали знаете како Барселона ја освојува топката назад толку брзо ? Затоа што не мораат да трчаат повеќе од 10м., бидејќи никогаш не си ја додаваат топката на повеќе од 10м."
Јохан Кројф


No comments:

Post a Comment