Sunday, April 24, 2016

РАЗВОЈ НА МЛАДИ ФУДБАЛЕРИ - ТРЕНЕРСКА ФИЛОЗОФИЈА

ТРЕНЕРСКА ФИЛОЗОФИЈА

Правилната тренерска филозофија е основниот фактор за правилен развој на младите фудбалери. Тренерите секогаш треба да имаат здрав, позитивен став за време на тренинзите и натпреварите.

Филозофија за време на натпреварувањето

Ова се неколку принципи кои треба да бидат следени за време на натпреварувањето.
  • За момчињата и девојчињата помеѓу 8 и 14 годишна возраст, секогаш треба да се зема во предвид доброто играње како поважно отколку да се победи. Во периодот додека се мали децата и додека учат како да играат треба да се заборави на резултатот на натпреварите. Тие треба да бидат охрабрувани да играат со ризик во играта, и покрај фактот дека овој начин на игра може да му овозможи на противникот да постигне гол. Играчите, родителите и тренерите треба да гледаат на натпреварите како на еден вид дополнителен тренинг.
  • Секогаш кога ќе се постигне победа е убаво, но никогаш не треба да се бара од децата да победат по секоја цена.
  • Не треба да им пречи на тренерите, играчите и на родителите доколку се загуби натпреварот, бидејќи поразот е секогаш возможен кога се учествува на натпреварување; односно никогаш нема гаранција дека ќе се победи. Доколку противничкиот тим го победи твојот, генерално причината е во нивната подобра игра. Се додека твојот тим се обидува, дава се од себе во рамките на своите можности за да го превенираат поразот, во тој случај никогаш не треба да се чувствувате како губитници.
  • Победувањето не е толку многу важно, како што и губењето не е толку лошо, како што повеќето родители веруваат. Она што е важно е тоа што тимот бил способен да го демонстрира. Играчите може да победат и во натпревари на кои играле лошо, односно на деструктивен начин - но исто така можат и да загубат и во случај кога ќе одиграат многу подобро од противникот и додека уживале во секоја минута за време на натпреварот.
  • Победувањето е само последица од добро прикажаната игра. Поради тоа секој играч има задача да одигра најдобро што може. Резултатот ќе падне како што овошниот плод паѓа од дрвото. 
  • Во сите младински категории се до 14 годишна возраст тренирањето на децата за да се добие натпревар е многу полесно отколку да се тренираат децата да играат добро. Затоа, играјќи добро им се овозможува на децата да откријат нови решенија за старите проблеми, повторно и повторно. Учењето да се победи, од друга страна, значи дека тренерите ја ограничуваат играта во главно на веќе научените вештини и тактички движења кои се потребни за да се победи (пр. како долги топки). Доколку твојот тим се натпреварува на тој начин, на долгорочен план се ограничува и лимитира комплетниот развој на младите играчи.


Одржување на позитивен став

Тренерите на младите фудбалери потребно е совесно да прават и да кажуваат одредени работи кои ќе предизвикаат да младите играчи се чувствуваат добро, прифатено, важно, среќно и успешно. Пробајте ги овие едноставни гестови:
  • Топол поздрав, со употребување на името на играчот
  • Насмевка
  • Знак со показалецот кон горе
  • Тапкање по рамото
  • Разговарање со играчите
  • Играње на некои игри и активности со нив
  • Барање на нивен совет и сослушување што тие имаат да кажат
  • Помагање да научат нешто ново или да подобрат нешто
  • Помагање на играчите да ги прилагодат нивните лични цели
  • Одговарање на сите нивни прашања
  • Покажување на интерес за нивните пријатели, фамилија и хоби
  • Да им се овозможат интересни активности и игри во кои ќе уживаат
  • Постојано охрабрување 
  • Чести пофалби, да се избегнува критикување
  • Активно вклучување на младите играчи во процесот на учење преку поставување на ефективни прашања
За успешен развој на младите фудбалери потребно е комбинирање на правилната тренажна филозофија со успешна тренажна програма која е добро организирана, подршка од локалната средина, како и безбедна околина.

Победување на натпреварите во споредба со развивањето на таленти

Изреката "Најважната работа во спортот е да се земе учество и да се игра" е многу одамна подзаборавена од многу фудбалски клубови. Многу тренери ги користат нивните млади играчи како можност за искачување на социјалното и професионалното скалило. Културата на победување во детскиот спорт предизвикува штета на дневна база - не само на децата, но исто така и на клубовите за кои што играат. За жал, многу малку клубови го оценуваат својот успех врз основа на тоа колкав е бројот на играчите од својата школа кои се способни да се приклучат на првиот тим или на репрезентацијата после многу години на добро испланиран и добро спроведен тренажен процес. Наместо да се натпреваруваат за да победуваат, тренерите во тие клубови се концетрираат да се натпреваруваат за да научат и да се подобрат децата, а со тоа стануваат победници на некој начин на долги стази.
Многу истражувања покажуваат дека многу деца се откажуваат од спортот откако ќе наполнат од 13 до 15 години. Постојат многу причини за ова: започнување прерано, пречесто играње, тешките тренинзи, прераната специјализација, а помеѓу другото и неправилната тренерска филозофија (на пр. барање од децата да се победи по секоја цена). Се разбира, природно е од страна на младите играчи (и од нивните родители) да се очекуваат брзи резултати. Но, во спортот не постои скратен пат и тренерите ќе бидат неуспешни доколку не го прифатат фактот дека за исполнување на целосниот потенцијал кај децата е потребно време.
Победувањето наспроти развојот на таленти е тема на разговор насекаде во светот. Но, клучот на проблемот е во тоа што националните федерации сеуште мислат дека постои само еден начин на натпреварување. Така што акцентот е ставен на тоа да се бараат и да се пронајдат перфектните играчи, а со тоа го оправдуваат само начинот на натпреварување за да се победи, мислејќи дека тоа е најдобриот начин да се селектираат добри играчи.
За жал во таквиот систем, помалку способните деца се бомбардирани со бескрајно многу недостижни за нив цели и се подучувани од страна на тренерите да победуваат и се под постојан притисок за да ги постигнат најдобрите резултати што е можно порано. Земете го во предвид следниот пример: Во секоја младинска секција во училиштата, клубовите и други институции, пред да се започне со тренирањето на младите деца, тренерите треба да одлучат помеѓу две многу различни типови на работна етика:
  1. Да се обидат да ги водат своите тимови да победуваат краткорочно - по секоја цена.
  2. Да се обидуваат да ги развиваат децата постепено, според нивната возраст, односно долгорочен пристап.
За жал, височината и силата на младите фудбалери продолжува да биде најважната карактеристика на многу тимови. Насекаде е познато дека колку е поголем играчот, толку подобри резултати ќе постигне тренерот. Висината на играчите е многу чето одлучувачки фактор при селектирањето, посебно во натпреварувањата за многу млади играчи. Ова е голема грешка која што ја прават тренерите. Тие треба да се концентрираат да ги развиваат техничко-тактичките способности на децата кои се прикладни за нивната возраст, затоа што кога ќе пораснат висината е помалку влијателна, но те-та способност доаѓа до израз и доколку не е доволно совладана ќе претставува голем проблем за играчот.
Покрај тоа што тренерите сакаат постојано да победуваат, следна грешка што ја прават е пренагласување на тактиката. Потребно е да се знае дека техничката способности се есенцијални доколку се сака во подоцнежните години играчите да бидат способни да спроведуваат одредени тактички замисли.
Добриот тренер во млади категории не е оној кој го држи рекордот на победени натпревари, туку оној кој исполнува две работи: Прво, тој знае како да ги научи младите студенти да имаат вистинска страст за фудбалот, инспирирајќи го младиот играч да ги подобрува своите способности и надвор од тренингот. Второ, тој ги подготвува своите играчи да бидат успешни во следната возрасна категорија, односно ги подготвува за иднината. Следно ниво или категорија значи подготвување на помали деца да направат скок од една во друга категорија, како на пр. од категоријата до 16 години во категоријата под 18 год. или од категоријата под 18 год. во првиот тим.

Генерално гледано од техничкиот, тактичкиот, физичкиот и психолошкиот дел, во фудбалот најлесно и набрзо може да се развие физичката подготвеност. Според тоа, доколку се продолжи да се оценуваат квалитетите на тренерите според победничкиот рекорд, во тој случај идните генерации на тренери ќе бидат охрабрувани да се фокусираат единствено на физичкиот аспект на играта и на старомодниот тренерски стил кои би гарантирале победи. Овој начин не одалечува од развојот на те-та способности, како и од тренирањето на децата за да ја разбираат играта. Исто така неопходно е да им се понуди на децата нов тренерски стил, кој ќе им овозможи да бидат независни во размислувањата во текот на играта и да не зависат единствено од командите кои ги добиваат од тренерите.
Вообичаено е за тренерите како и за родителите на децата од 8 до 12 годишна возраст да бидат нестрпливи и да бараат брзо постигнување на резултати. Оваа опсесија е движечка сила позади многуте тренерски тренажни програми, каде што тренинзите се исклучиво фудбалски ориентирани. За жал, овие тренери не ги развиваат во доволна мера кај децата фундаменталните движечки способности, брзината, моќта и издржливоста, како и перцептивните способности, донесувањето на одлуки во вистинско време, креативноста и менаџирањето на параметрите простор и тајминг.
Доколку се следат програмите за постигнување на брзи резултати можно е да се постигнат посакуваните резултати краткорочно но со тоа децата прерано ќе се специјализираат и шансите за повреди се поголеми. Исто така децата кои биле подложени на таков начин на тренирање можно е да прерано се откажат од фудбалот.
Златните години за развој на моторичките способности се од 7 до 11 годишна возраст и доколку играчот ги има совладано, тогаш подоцна ќе биде способен лесно да ги надминува комплицираните те-та побарувања на фудбалската игра.

За во иднина како идеја да се мотивираат фудбалските тренери да ги модифицираат структурата и содржината на нивните тренинзи, или целосната нивна визија за развивањето на нивните играчи помеѓу 8 и 13 годишна возраст, би можело да послужу промената на начинот на натпреварување. Идејата е да покрај класичните фудбалски утакмици, менито на натпреварување се зголеми/прошири со разни фудбалски декатлони, триатлони итн (игрите од овој вид ќе бидат објавени во некои од наредните статии или може да ме контактирате на e-mail за да ги споделиме). На овој начин во иднина постепено би се променила структурата на традиционалното натпреварување. Очигледно е дека скоро сите тренери и наставници ги подготвуваат децата за фудбалските натпревари со помош на специфични фудбалски вежби и поедноставени игри кои ги стимулираат ситуациите со кои децата ќе се сретнат за време на официјалните натпревари.
Но, кога натпреварувањето би било повеќе страно (мулти-латерално), односно составено од повеќе видови на игри, тренерите ќе бидат принудени да ја адаптираат својата тренажна програма според видот на натпреварувањето. Се додека детскиот натпреварувачки систем остане исклучиво фудбалски специфичен, исто така и тренерските тренажни програми ќе останат строго фудбалски специфични.
Преку различниот начин на структурирање на детскиот натпреварувачки систем, тренерите кои сакаат да победуваат ќе научат и разберат дека за време на тие млади години кај децата акцентот треба да биде ставен на развојот на општо-сестраните способности, а да се избегнува прераната специјализација.
Едноставно фудбалските работници треба да сфатат дека победувањето и губењето е важно за подоцнежните години како и на сениорско ниво. Секој кој работи со млади категории треба да знае дека на прво место треба да биде развојот на детето, а не победувањето.
Во подоцнежниот развој децата ќе ја развијат желбата за победа, а истовремено ќе го развиваат својот фудбалски потенцијал преку соодветни натпреварувања како мини-фудбалот. Исто така фудбалските тренери треба да им овозможат на децата да се натпреваруваат во вид на турнири составени од фудбалски триатлони кои се карактеризираат со едноставни фудбалски игри како и разни мулти - латерални (сестрани) активности.
Со користење на повеќе страни натпреварувања според годишната возраст, ќе се овозможи да децата бидат изложени на фундаментални фудбалски - специфични игри како и на фундаменталните повеќе - целни активности. На овој начин фокусот е на победување и на тоа да децата се забавуваат, со тоа што во исто време ќе се развиваат како комплетни фудбалски играчи и личности.


УСПЕХОТ НА ТРЕНЕРИТЕ ВО МЛАДИНСКИТЕ КАТЕГОРИИ НЕ ТРЕБА ДА БИДЕ ОЦЕНУВАН СПОРЕД БРОЈОТ НА ПОБЕДИ, ТУКУ СПОРЕД БРОЈОТ НА ФУДБАЛЕРИ ЗА КОЈ СЕ СПОСОБНИ ДА ГИ РАЗВИЈАТ СЕКОЈА СЕЗОНА И ДА СТАНАТ ЧЛЕНОВИ НА СЕНИОРСКИОТ ТИМ ИЛИ НА РЕПРЕЗЕНТАТИВНИОТ ТИМ.

No comments:

Post a Comment