Thursday, April 28, 2016

СИСТЕМ НА ИГРА 1-4-4-2


Запознавање со системот на игра 1-4-4-2

Постојат многу различни начини на кои што може да се игра во системот 1-4-4-2, во зависност од карактеристиките на играчите кои што тимот ги има на располагање, но основните аспекти на системот остануваат непроменети, посебно во фаза на дефанзива.
Иако секогаш постојат исклучоци во секое правило (на Европското првенство во 2004тата Грција играше со 4 одбранбени играчи кога играа против 3 напаѓачи, но со стриктно маркирање човек на човек), 1-4-4-2 системот има 4 одбранбени играчи кои играат во зонски формат со десен бек, двајца централни бекови и лев бек, при што играат како една целина за да ја покријат целата широчина на теренот, поместувајќи се заеднички за да го затворат опасниот дел од теренот во кој противничките напаѓачи можат да се најдат и да влезат во шанса за гол.




Пред 4 одбранбени играчи се наоѓаат 4 средни играчи, кои играат на сличен начин како последната линија во смисла дека се поместуваат како целина со цел да ја покријат целата широчина на теренот. Разликата е во тоа што слободниот простор (растојанието) помеѓу нив е зголемен во споредба со одбранбената линија бидејќи доколку се случи да бидат изиграни од противничките играчи е многу помалку опасно по сопствениот гол бидејќи имаат уште 4 играчи позади нив кои се таму да ги покријат.




Дефанзивните задолженија на двајцата играчи кои се најнапред може да бидат различни и тие зависат од одлуката на тренерот како и од нивните карактеристики. Во денешно време, се повеќе и повеќе гледаме дека еден од нив, во фаза на одбрана се повлекува подлабоко, односно се поставува блиску пред средната четворка за да им помага. Со ова поместување се формира компактна 1-4-5-1 формација во фаза на дефанзива. Позицијата која што овој играч ја има е од клучно значење за системот 1-4-4-2 бидејќи не само што му помага на својот тим дефанзивно, туку и кога топката е освоена, неговата позиција е клучна да преку него може да се одигра ефективен контра напад.


Позиционирањето на играчите во системот 1-4-4-2 може да биде во повеќе варијанти и поради ова гледаме дека многу тимови се адаптираат на оваа формација, но играат со различен стил.  Генерално, двајцата централни дефанзивци си остануваат од позади на своите позиции за време на отворената игра, а бековите се слободни да одат кон напред за да се дополнителна опција во нападот. Конзервативните тимови играат на начин што само бекот кој што е од страната каде што е топката има можност да учествува во нападот, додека спротивниот бек треба да остане блиску до централните бекови, односно да не ја напушта дефанзивната позиција за да во случај на контра напад тимот е добро поставен во последната линија.


Ќе го земеме за пример тимот на Арсенал, кој игра на модерен начин на највисоко ниво. Во тимот на Арсенал бековите во фаза на напад се позиционираат што е можно повисоко на теренот. Со ваквото позиционирање централните бекови се оставени 2 на 2 со противничките напаѓачи но двајцата средни играчи имаат задача да покриваат при евентуален контра напад. Со ваквото поставување на бековите многу е полесно да се гради играта и со тоа тимот е многу поопасен офанзивно.


Напаѓачките варијанти во овој систем зависат најмногу од карактеристиките на играчите. На пример доколку двајцата странични средни играчи имаат изразени офанзивни карактеристики тогаш тие би ја имале целосната слобода, но за таа цена пак двајцата централни средни играчи ќе треба да не ги напуштаат своите позиции и да ги покриваат страничните играчи. Во обратен случај, доколку еден од централните средни играчи има офанзивна тенденција, тогаш тој ја има слободата кон напред, но во тој случај еден од страничните играчи треба да размислува повеќе како да го покрие. Пример за таков играч беше и сеуште е Френк Лампард.


При градењето на нападот, двајцата централни средни играчи треба постојано да ги менуваат местата за да се ослободат од противничките играчи и да се постават во слободен простор каде што ќе можат да ја примат топката и да ја креираат понатамошната акција.
Двајцата напаѓачи пожелно е да бидат различен тип на играчи за да нападот биде непредвидлив и да бидат потешки за чување, односно да противничките одбранбени играчи не можат лесно да се адаптираат на нив. Како на пример може едниот да е висок и да игра добро на високи топки како и да е добар во играта кога е свртен со грбот кон противничкиот гол, додека другиот да е брз и добро технички поткован. Многу е важно за овој систем да тие двајца се добар тандем, односно да се добро воиграни и да се разбираат во текот на играта.







Tuesday, April 26, 2016

КОЛЕКТИВЕН ПРЕСИНГ


Пресинг - начин на кој може да се успори или да се насочи противникот во одреден простор од теренот каде што се посакува или да се освои топката повторно назад. Пресингот е еден вид на контрола на играта без топка.

Целта на пресингот е да се скрати времето и просторот на противникот со топка, односно да се натера на избрзана одлука при додадавањето или дриблингот.
Студија која била спроведена во 1988 година покажува дека кога со помош на пресингот топката била освоена во последната/напаѓачка третина од теренот, 66% од вкупниот број на голови биле постигнати како резултат на тоа.
Многу тимови го користат пресингот како значителна тактика која ќе им овозможи полесно постигнување на голови и како начин на одбрана - високо на противничката половина.

"Топката треба да се освои кога е на 30м. од противничкиот гол, а не на 80м. од противничкиот гол".
Пеп Гвардиола

Концептот на агресивен пресинг без топка бил за прв пат прикажан на светската фудбалска сцена од страна на Виктор Маслов во 1960тите и набрзо станал доминантна карактеристика на фудбалските филозофии кои се базирале врз основа на поседот на топка. Подоцна Ринус Михелс и Валери Лобановски го унапредиле овој вид на игра и успешно го применувале со своите тимови

Пресингот може да се игра на 3 начина:

1. Целосен пресинг
2. Половичен пресинг
3. Лажен пресинг

Многу фудбалски стручњаци веруваат дека успешен фудбалски тим треба да ги применува сите 3 начина на пресинг во нивниот тактички пристап за да се освои топката од противникот.

Целосен пресинг
Целосниот пресинг ја промовира идејата за агресивен пресинг низ целиот терен и бара од играчите да вршат постојан притисок над противникот во сите делови на теренот, но тоа да биде координирано со соиграчите.

Половичен пресинг
Овој начин е инспириран од тактичките примени на овој пресинг во кошарката. Половичниот пресинг се дефинира со тоа што целиот тим веднаш по изгубена топка се повлекува на одреден дел од теренот, при што се поставува во претходно определена формација (во 3 компактни одбранбени линии) и единствено го пресираат противникот кога тие ќе ја донесат топката во просторот каде е одредено да се игра пресинг. Во кој дел од теренот ќе се игра овој вид на пресинг (пр. втора зона, на 30м. од сопствениот гол) одлучува тренерот и тоа го воигрува на тренинзите.
Овој концепт е базиран на принципот да противникот е слободен да игра но во одреден дел од теренот и не му се дозволува да игра во опасниот дел од теренот од каде може да претставува закана по голот.

Лажен пресинг
Овој начин во одреден дел е сличен на целосниот пресинг и целта е да се присили противникот на избрзана и непромислена игра кога го започнува нападот од нивната прва зона и често екипата која го игра овој пресинг лесно ја освојува топката. Да поедноставиме, лажниот пресинг се игра на начин што само 1 или 2 играчи вршат пресинг, додека останатите играчи од тимот се повлекуваат и не учествуваат во пресингот.

Многу тренери често им даваат инструкции на своите тимови да ги применуваат сите 3 начина на пресинг во одредени временски интервали во текот на натпреварот.
Некои тимови го користат целосниот пресинг веднаш на почетокот на натпреварот и потоа после одредено време тие ја променуваат тактиката и го користат лажниот пресинг или половичниот пресинг се со цел да се изнуди грешка кај противникот и да се освои топката.
Концептот на пресинг играта го принудува противничкиот тим да игра на одреден/лесно предвидлив начин и му овозможува на тимот кој го применува овој концепт да ја има контролата на натпреварот и покрај тоа што ја немаат контролата на топката.
Може да се забележи дека многу тимови поради одредени причини одбираат да играат пресинг само откако противникот ќе се доближи на 30-40м. од нивниот гол и со тоа противникот не може да игра успешно меѓу дефанзивните линии. Доколку погледнете во статистиката на таквите натпревари ќе заклучите дека тимот кој го имал поседот на топката наспроти тимот кој играл пресинг само на 30-40м. од својот гол, ја имал контролата над натпреварот. Но, вистината е дека тимот кој играл половичен пресинг го контролирал противникот на начин што му дозволувал да има посед на топка на просторот каде што тие одредиле и им препуштиле слободен простор далеку од својот гол. Притоа добро го контролирале тимот во посед на топката така што не му дозволиле да се доближи до шеснаесетникот и да создаде чисти шанси за гол.
Целта на пресингот на некој начин е да се намали големината на теренот кога противникот е во посед на топката. Исто така пресингот се користи и да се одбие првичниот напад се со цел останатите соиграчи да имаат време да се вратат на своите позиции и да се постават во блок.
Се разбира, најзначајниот бенефит од пресингот е да се принуди противникот да направи грешка и да се поврати поседот на топката. Додека пристапот со половичниот пресинг за време на целата утакмица има свои ситуациони предности, сепак за филозофиите кои се базирани на посед на топката, покорисен е целосниот и лажниот пресинг.
Како и да е, мое лично убедување е дека најдобро е да се освои топката што е можно поблиску до противничкиот гол. На овој начин поголеми се шансите да се постигне полесно гол и второ, способноста за да се сфати бенефитот од тоа да веднаш после изгубена топка во напаѓачката трета зона најлесно е да се освои топката со брз пресинг. Тоа значи дека уште кога топката е во посед на нашиот тим, играчите треба да се свесни дека откако ќе ја загубат топката треба веднаш да играат агресивен пресинг.

Правилото "6 секунди"

Пеп Гвардиола во Барселона го употребуваше ова правило, односно неговиот тим играше пресинг во третата напаѓачка зона. Идејата со примената на ова правило е да откако топката ќе биде загубена на противничката половина, тимот мора да ја поврати топката во свој посед во следните 6 секунди. Тоа кратко време се нарекува 6 секунди на хаос и изгубено време. Фудбалските филозофии кои се базираат на посед на топка, како Барселона, периодот кога не се во посед на топка го сметаат за изгубено време и затоа сакаат што е можно побрзо да ја освојат топката.
Во овие 6 секунди се применуваат серија од знаци/сигнали кои му овозможуваат на тимот да соработува во перфектна хармонија. Тоа се знаци/сигнали кои им испраќаат порака на играчите затоа кога и каде да пресираат заедно.
Вообичаено ова се прави во тројки каде што секој има задача и тоа едниот пресира, другиот дава подршка и третиот покрива.

Секој тим може да ги применува следните знаци за да ја освои топката веднаш откако ќе ја загуби:

1. Кога противникот ќе ја освои топката и ќе биде за момент свртен со лицето кон сопствениот гол.
Поради ова, противникот ја има намалено својата прегледност на играта и единствените опции му се да додаде кон назад или да ја исфрли топката надвор од игра. Во оваа ситуација лесно е да се предвиди дека ќе следи додавање кон назад и кога еден играч ќе му прави притисок на играчот со топката, другите играчи во близина имаат задача да ги лимитираат додавачките опции и да го принудат да игра до својот голман. На овој начин доколку играчот со топка премногу време размислува, може да се случи да ја загуби топката и да прими гол или доколку врати до голманот, голманот ќе биде принуден да игра долго додавање кон срцето на противничката одбрана каде што одбранбените играчи лесно ќе ја освојат топката.

2. Вториот знак е кога противникот лоше ќе ја прими топката, односно лошо ќе ја исконтролира.
Ова резултира со тоа што противникот ќе мора да го насочи својот поглед кон долу за да воспостави контрола над топката. Во овие драгоцени секунди, тимот треба колективно да нападне како и да го намали просторот на противникот за игра се со цел да испровоцира грешка.

3. Дрги пресинг знаци може да бидат одредени уште пред почетокот на натпреварот, односно да се знае дека кога топката е во гол аут, тимот треба да се постави високо и да го принуди голманот да ја дегажира топката.

Како и да е, тајната на успешниот пресинг ја гледам во тоа дека најважно е  позиционирањето на играчите уште пред да ја загубат топката. Но, клучот е во тоа да на тренинзите преку вежби им се пренесе идејата на играчите за да се свесни што се бара од нив. Со други зборови играчите треба да се изложени на тренингот на такви ситуации со кои што ќе се сретнат за време на натпреварот и да имаат претстава и да бидат подготвени како да реагираат во даден момент !

"Дали знаете како Барселона ја освојува топката назад толку брзо ? Затоа што не мораат да трчаат повеќе од 10м., бидејќи никогаш не си ја додаваат топката на повеќе од 10м."
Јохан Кројф


Monday, April 25, 2016

СИСТЕМ НА ИГРА 1-3-5-2


Запознавање со системот на игра 1-3-5-2

Системот 1-3-5-2 се развил, односно бил создаден најмногу поради фактот дека тренерите сакале да пронајдат начин како да добијат уште еден играч во средниот ред во споредба со традиционалниот систем 1-4-4-2. Се со цел да се постигне ова, тие верувале дека 3 одбранбени играчи ќе можат да се справат против 2 напаѓачи со што би можеле да постават уште еден играч во средниот ред, а со тоа да ѓи зголемат своите шанси за да доминираат во тој дел од теренот. На почетоците од развојот на 1-3-5-2, средниот од тројцата одбранбени играчи бил поставуван како коректор, односно на начин што секогаш ќе е позади другите двајца играчи кои имале должност стриктно да маркираат противнички играчи. Но, ваквиот начин на игра исчезнал со текот на годините откако офсајд правилото било променето. Како резултат на тоа, тројцата одбранбени играчи на 1-3-5-2 системот во денешно време играат повеќе на зонски начин, со тоа што се поместуваат сите заедно како целина и го маркираат просторот наместо противничките играчи, со тоа што крилните играчи се одговорни да го покриваат страничниот простор покрај аут линијата.




Во просторот пред овие 5 играчи, се 3 средни играчи, со тоа што еден од нив игра како повлечен играч за врска (заден везен) и игра подлабоко во однос на другите двајца. Поради тоа што крилните играчи се задолжени да ги покриваат страничните делови од теренот помагајќи на одбранбената тројка, работата на другите двајца средни играчи е да го нападнат и да го затворат играчот со топката кој е странично и високо на теренот (противничкиот бек).


Кога топката е пренесена кон централните противнички играчи, задниот везен има задача да излезе повисоко и да ја напушти својата позиција со тоа што останатите двајца средни играчи се повлекуваат и стеснуваат за момент и го покриваат .


Откако топката ќе биде пренесена на другата страна, левиот среден играч (11) излегува да го покрие играчот со топката. Но, доколку преносот на топката е многу брз и прецизен, многу е тешко да се бара од левиот среден играч да стигне на време затоа што ќе треба да претрча многу голем простор.


Пред тројцата средни играчи се поставени двајца напаѓачи. Еден од овие напаѓачи ќе има задача да балансира во средниот ред кога топката ќе биде пренесена брзо и прецизно (како во претходната ситуација/слика).Ова ќе се бара од напаѓачот се со цел да не бидат средните тројца играчи изложени на огромен простор за покривање и да им ја олеснат работата.


1-3-5-2 е офанзивен систем бидејќи одбранбената линија е составена од тројца играчи и тоа овозможува тимот кој игра во овој систем да има дополнителен играч во средниот ред со што ќе се добие поголема контрола на средината од теренот како и полесно градење на напаѓачките акции. Последните тројца играчи кога го започнуваат нападот од позади, имаат задолжение да се рашират колку е можно повеќе и да ја опфатат целата широчина на теренот. Идеално во оваа ситуација би било да топката ја има средниот од тројцата играчи бидејќи тој има најдобра прегледност на теренот како и најмногу додавачки линии. Наједностаните додавања би биле лево и десно со што би се раширил противникот.


Со тоа што ќе се рашират одбранбените тројца играчи, со тоа ќе им се овозможи на крилните играчи да се позиционираат повисоко на теренот. Ваквото поставување му овозможува на овој систем да го принуди противникот да се повлече на назад и со тоа им е олеснето на играчите да ја градат играта постепено. Ваквата позиционираност му создава слободен простор на задниот везен, што е уште една цел на раширувањето на централните бекови и високото позиционирање на крилните играчи - да се искористи овој играч како дополнителен во средниот ред и да се добие на бројчана предност во однос на противничките четири средни играчи.


Еднаш откако дефанзивниот играч за врска ќе ја има топката во свој посед, се отвараат бесконечно напаѓачки опции. Доколку во оваа ситуација противничкиот напаѓач врши притисок на задниот везен, тогаш ова отвара слободен простор на еден од страничните централни бекови и со еден еднсотавен пас кон него, централниот бек со топката може да освои голем простор кон напред...


... или доколку протвничкиот среден играч ја напушти својата позиција и го нападне задниот везен, тогаш се остава слободен простор за да се додаде топката кон напред на играчот кој е слободен.


Се со цел да се затвори овој слободен простор оставен од бр.4, доколку бр.7 се помести кон средината, на тој начин го остава својот играч (бр.3) слободен и доколку бр.3 ја добие топката многу лесно може да освои простор и да влезе во третата напаѓачка зона.


Откако ќе ги додадеме двајцата напаѓачи, додавачките опции (додавачките линии) за задниот везен дополнително се зголемуваат.


Во ситуација кога топката е кај крилниот играч на некоја странична позиција, со тројцата одбранбени играчи и со двајцата пред нив им се овозможува на еден среден играч и на другиот крилен играч да се најдат во и околу противничкиот шеснаесетник. Притоа средниот дел на теренот е добро исполнет и екипата која е во напад е добро поставена за да се одбрани во случај на евентуален брз контра напад.


















ПЕРИОДИЗАЦИЈА НА СПОРТСКИОТ ТРЕНИНГ СПОРЕД ТУДОР БОМПА


Типови на тренажни планови

Организираниот тренер може да ги користи сите или некои од следните тренажни планови: поединечен тренинг, микроциклус, макроциклус, годишен план и четиригодишен план. Терминологијата за планирањето не е иста во целиот свет. Терминологијата со која се служи Тудор Бомпа се користи во неколку држави, вклучувајки ја Германија и некои други англо-саксонски држави. Русите на пример годишниот план го нарекуваат макроциклус, а етапите на тренингот кои траат од 4-8 недели ги нарекуваат мезоциклуси.
Според мислењето на Тудор Бомпа, најважни, најпрактични и најфункционални планови се микроциклусите и годишните планови. Планирањето обично започнува со поставување на долгорочните тренажни параметри кои би требало да се постигнат на крајот на долгиот циклус, како што е четиригодишниот план. Во таквиот план се поставуваат натпреварувачките цели и тренажните фактори за секоја година од планот, потоа се подготвува тренажниот план за тековната година. Врз основа на годишниот план и распоредот на натпреварувањата се поставуваат макро и микроциклусите. Најмала единица на планот е поединечниот тренинг.

Поединечен тренинг

Постојат повеќе типови на поединечни тренинзи и тоа: тренинзи за учење ново, тренинзи за повторување, тренинзи за усовршување на вештините и тренинзи за проценка.
Тренинзите според обликот или организацијата се делат на: групни, индивидуални, мешани и слободни тренинзи.
Основната структура на тренингот се состои од три или четири делови. При поделба на три дела, тренингот се дели на подготвителен (загревање), главен и завршен дел. При поделба на четири дела тренингот се дели на: воведен, подготвителен, главен и завршен дел.

Тренажни циклуси

Тренажните циклуси се однесуваат на краткорочните планови како што се микроциклусите и макроциклусите.
Изразот микроциклус потекнува од грчкиот и од латинскиот јазик. На грчки, micros значи мал, а латинското cyclus подразбира низа од појави кои се редовно повторуваат.
Микроциклусот е најкраткиот тренажен циклус којшто содржи одреден број на поединечни тренинзи и трае неколку денови, обично една недела.
Во спортскиот тренинг микроциклусот е најверојатно најважното функционално средство на планирањето бидејќи неговата структура и содржина го одредуваат квалитетот на тренажниот процес. Сите тренинзи во микроциклусот не се од иста природа. Тие се разликуваат според: целите, волуменот, интензитетот и методите.

Класификација на микроциклусите:
  •          Развоен микроциклус: специфичен за подготвителната фаза. Целта е да се подобрат вештините и да се развијат специфичните биомоторичи способности.
  •      Стресен микроциклус: изненадно зголемување на тренажните барања над оние кои претходно биле тренирани. Се користи во подготвителната фаза. Целта му е да се пробие границата на прилагодба која е постигната во претходната фаза. Овој микроциклус е многу напорен и не треба да се планира пред натпреварувањето. Бидејќи овој микроциклус предизвикува голем замор, пожелно да после него следи регенерациски микроциклус.
  •         Регенерациски микроциклус: го отстранува заморот и ја обновува енергијата. За постигнување на овие цели најдобро е да се применува нискоинтензивен аеробен тренинг. Регенерацискиот микроциклус треба да се организира после серија од важни натпреварувања или после стресен микроциклус.
  •      Микроциклус за постигнување на врв на спортската форма (tapering): кај овој микроциклус се манипулира со волуменот и интензитетот за да се овозможи најдобар настап на главното натпреварување. Ги намалува тренажните барања и ја овозможува суперкомпензацијата.
  •       Натпреварувачки микроциклус


Зборот макро потекнува од грчкиот збор macros, што значи нешто големо. Во методологијата на тренингот, макроциклусот претставува фаза од 2 до 6 недели или микроциклуси. Иако при планирањето на програмата за блиската иднина се користи микроциклусот, макроциклусот дава насока на програмата за тренингот за неколку недели однапред.

Критериумите за одредување на времетраењето на макроциклусите се разликуваат од спорт до спорт. Макроциклусот кој трае 4 до 6 недели вообичаено се користи во подготвителната фаза. Главните критериуми за одредување на неговото времетраење се тренажните цели и типови за овој период. За развој  на биомоторичките способности, времето потребно за усовршување на некои од тие сособности или нивни компоненти може да биде адекватен критериум за одредување на времетраењето на макроциклусот. Ако тренерот планира пробни натпреварувања при крајот на подготвителната фаза, датумите на натпреварите исто така ќе бидат фактор при одредувањето на времетраењето на макроциклусот. Макроциклисуте во натпреварувачката фаза се обично пократки од 2 до 4 недели. Времетраењето на макроциклусот вообичаено зависи од календарот на натпревари. Макроциклусот треба да се структурира така што главното натпреварување ќе биде на крајот од циклусот.

Структурата на макроциклусот треба да се темели на специфичните цели, фазите на тренингот и календарот на натпревари.

Во подготвителната фаза целта на тренингот е да предизвика адаптација на спортистот. Развојните и стресните макроциклуси најмногу одоговараат за овој период. Кај развојниот макроциклус се применува методата на степенесто зголемување на оптоварувањето. Сликата 1. ја прикажува структурата 4:1 каде што оптоварувањето се зголемува во 4 чекори, со една недела за опоравок на крајот на циклусот. Ваква структура се препорачува за почетокот на подготвителната фаза кога спортистот е свеж и одморен.  Макроциклусот со структура 3:1 се препорачува исто така за подготвителната фаза и се комбинира со стресните макроциклуси.



Слика 1. Развоен макроциклус     4:1                         3:1                                 


Стресните макроциклуси треба да се планираат по 2 до 3 пати во подготвителната фаза за да се пробие прагот на адаптација на спортистите.

Календарот на натпреварување ја диктира динамиката на макроциклусот во текот на преднатпреварувачката и натпреварувачката фаза. Тимските спортови кои во сезоната имаат една или две утакмици неделно, применуваат рамномерно оптоварување. Промената на интензитетот се случува во самите микроциклуси. Структурата на макроциклусите во индивидуалните спортови може да биде 4:1, 3:1, 2:1, 1:1, 2:2 или било која друга комбинација.


Макроциклус за опоравување и за доаѓање на спортистите во најдобра форма. Целта на овој макроциклус е да спортистите се растеретат и да тренираат во специфични услови како оние што ќе им претстојат на важното натпреварување. Втората цел на овој макроциклус е да се отстрани заморот и да се овозможи суперкомпензација. Овој макроциклус не треба да е подолг од 2 недели.

Годишен тренажен циклус

Во повеќето спортови годишниот тренажен циклус е поделен на три главни фази: подготвителна, натпреварувачка и преодна. Подготвителната и натпреварувачката фаза понатаму се делат на две подфази кои се разликуваат според задачите. Подготвителната фаза има општа и специфична подфаза, а натпреварувачката фаза обично започнува со кратка преднатпреварувачка подфаза. Понатаму секоја фаза се состои од макроциклуси и микроциклуси.


Спортската изведба зависи од адаптацијата на спортистот, од психолошкото прилагодување на тренингот и натпреварувањето и од степенот на развиеност на вештините и способностите. Времетраењето на фазите зависи од времето потребно за да се подигне нивото на тренингот и на спортската форма. Главен критериум за одредување на времетраењето на секоја тренажна фаза е календарот на натпреварување.

Класификација на годишните планови

Едноставните годишни планови се користеле уште од времето на античките Олимписки Игри. Планирањето постепено станало се пософистицирано кулминирајќи со германските програми во 1936г. кога тренерите освен годишен користеле и четиригодишен план. После втората светска војна СССР започнале да финансираат спортски програми се со цел да преку спортот ја демонстрираат надмоќта на нивниот политички систем.
1965г. Матвејев објавил модел на годишен план кој бил составен врз основа на одговорите на спортистите на кој начин тренирале. Информациите статистички ги анализирал и составил годишен план кој бил поделен во неколку фази, подфази и тренажни циклуси.

Иако годишните планови се разликуваат според специфичноста на спортовите, класификацијата зависи од бројот на натпреварувачките фази. Сезонските спортови како што се: скијање, кануизам и американски фудбал, или спортови со едно натпреварување во годината, користат само една натпреварувачка фаза. Таков годишен план се нарекува моноциклус, бидејќи има само една натпреварувачка фаза има само еден врв. Тој план се дели на: подготвителна, натпреварувачка и преодна фаза. Подготвителната фаза вклучува општа и специфична подфаза.

Моноцикличен годишен план



Натпреварувачката фаза е поделена на мали подфази. Преднатпреварувачка подфаза, која најчесто вклучува само помалку важни натпреварувања, претходи на фазата со главните натпреварувања. Пред најважното натпреварување во годината, тренерот планира две кратки подфази. Првата е подфаза за опоравок со низок волумен и интензитет за да спортистите се одморат и за да настане суперкомпензација пред главното натпреварување. После тоа следи подфаза на специјална подготовка, во која тренерот може да воведе технички и тактички промени. Во текот на подготвителната фаза и преднатпреварувачката подфаза, волуменот на тренингот е поголем, а интензитетот е помал во зависност од спортот. Во овој период треба да доминира квантитетот во работата, за разликата од натпреварувачката фаза кога се нагласува интензитетот и квалитетот на тренингот. Уште нешто важно: како се наближува натпреварувачката фаза, тренажниот волумен се драстично намалува додека интензитетот се зголемува.

Потполно различен пристап имаат спортовите со две одвоени натпреварувачки сезони, како што е атлетиката. Бидејќи се работи за две одвоени натпреварувачки фази, таквиот план се нарекува бицикличен (bi на латински значи два). Бицикличниот план е составен од:
  •          Подготвителна фаза 1, која би требало да биде подолга од втората.
  •          Натпреварувачка фаза 1
  •          Кратка транзициска фаза (1-2 недели) која е поврзана со подготвителната фаза 2
  •          Натпреварувачка фаза 2
  •          Транзициска фаза

Постојат спортови како бокс, борење, гимнастика итн. во текот на годишниот план имаат три големи натпреварувања. Бидејќи секое од тие три натпреварувања е одвоено 3-4 месеци, спортистот може да има три натпреварувачки фази, па таквиот план ќе биде трицикличен.
  •          Долга подготвителна фаза 1
  •          Натпреварувачка фаза 1
  •          Кратка опоравувачка, преодна или подготвителна фаза 2
  •          Натпреварувачка фаза 2
  •          Кратка опоравувачка, преодна или подготвителна фаза 3
  •          Натпреварувачка фаза 3
  •          Преодна фаза

Кога се планира трициклус, најважното натпреварување треба да биде во последниот циклус.

Sunday, April 24, 2016

РАЗВОЈ НА МЛАДИ ФУДБАЛЕРИ - ТРЕНЕРСКА ФИЛОЗОФИЈА

ТРЕНЕРСКА ФИЛОЗОФИЈА

Правилната тренерска филозофија е основниот фактор за правилен развој на младите фудбалери. Тренерите секогаш треба да имаат здрав, позитивен став за време на тренинзите и натпреварите.

Филозофија за време на натпреварувањето

Ова се неколку принципи кои треба да бидат следени за време на натпреварувањето.
  • За момчињата и девојчињата помеѓу 8 и 14 годишна возраст, секогаш треба да се зема во предвид доброто играње како поважно отколку да се победи. Во периодот додека се мали децата и додека учат како да играат треба да се заборави на резултатот на натпреварите. Тие треба да бидат охрабрувани да играат со ризик во играта, и покрај фактот дека овој начин на игра може да му овозможи на противникот да постигне гол. Играчите, родителите и тренерите треба да гледаат на натпреварите како на еден вид дополнителен тренинг.
  • Секогаш кога ќе се постигне победа е убаво, но никогаш не треба да се бара од децата да победат по секоја цена.
  • Не треба да им пречи на тренерите, играчите и на родителите доколку се загуби натпреварот, бидејќи поразот е секогаш возможен кога се учествува на натпреварување; односно никогаш нема гаранција дека ќе се победи. Доколку противничкиот тим го победи твојот, генерално причината е во нивната подобра игра. Се додека твојот тим се обидува, дава се од себе во рамките на своите можности за да го превенираат поразот, во тој случај никогаш не треба да се чувствувате како губитници.
  • Победувањето не е толку многу важно, како што и губењето не е толку лошо, како што повеќето родители веруваат. Она што е важно е тоа што тимот бил способен да го демонстрира. Играчите може да победат и во натпревари на кои играле лошо, односно на деструктивен начин - но исто така можат и да загубат и во случај кога ќе одиграат многу подобро од противникот и додека уживале во секоја минута за време на натпреварот.
  • Победувањето е само последица од добро прикажаната игра. Поради тоа секој играч има задача да одигра најдобро што може. Резултатот ќе падне како што овошниот плод паѓа од дрвото. 
  • Во сите младински категории се до 14 годишна возраст тренирањето на децата за да се добие натпревар е многу полесно отколку да се тренираат децата да играат добро. Затоа, играјќи добро им се овозможува на децата да откријат нови решенија за старите проблеми, повторно и повторно. Учењето да се победи, од друга страна, значи дека тренерите ја ограничуваат играта во главно на веќе научените вештини и тактички движења кои се потребни за да се победи (пр. како долги топки). Доколку твојот тим се натпреварува на тој начин, на долгорочен план се ограничува и лимитира комплетниот развој на младите играчи.


Одржување на позитивен став

Тренерите на младите фудбалери потребно е совесно да прават и да кажуваат одредени работи кои ќе предизвикаат да младите играчи се чувствуваат добро, прифатено, важно, среќно и успешно. Пробајте ги овие едноставни гестови:
  • Топол поздрав, со употребување на името на играчот
  • Насмевка
  • Знак со показалецот кон горе
  • Тапкање по рамото
  • Разговарање со играчите
  • Играње на некои игри и активности со нив
  • Барање на нивен совет и сослушување што тие имаат да кажат
  • Помагање да научат нешто ново или да подобрат нешто
  • Помагање на играчите да ги прилагодат нивните лични цели
  • Одговарање на сите нивни прашања
  • Покажување на интерес за нивните пријатели, фамилија и хоби
  • Да им се овозможат интересни активности и игри во кои ќе уживаат
  • Постојано охрабрување 
  • Чести пофалби, да се избегнува критикување
  • Активно вклучување на младите играчи во процесот на учење преку поставување на ефективни прашања
За успешен развој на младите фудбалери потребно е комбинирање на правилната тренажна филозофија со успешна тренажна програма која е добро организирана, подршка од локалната средина, како и безбедна околина.

Победување на натпреварите во споредба со развивањето на таленти

Изреката "Најважната работа во спортот е да се земе учество и да се игра" е многу одамна подзаборавена од многу фудбалски клубови. Многу тренери ги користат нивните млади играчи како можност за искачување на социјалното и професионалното скалило. Културата на победување во детскиот спорт предизвикува штета на дневна база - не само на децата, но исто така и на клубовите за кои што играат. За жал, многу малку клубови го оценуваат својот успех врз основа на тоа колкав е бројот на играчите од својата школа кои се способни да се приклучат на првиот тим или на репрезентацијата после многу години на добро испланиран и добро спроведен тренажен процес. Наместо да се натпреваруваат за да победуваат, тренерите во тие клубови се концетрираат да се натпреваруваат за да научат и да се подобрат децата, а со тоа стануваат победници на некој начин на долги стази.
Многу истражувања покажуваат дека многу деца се откажуваат од спортот откако ќе наполнат од 13 до 15 години. Постојат многу причини за ова: започнување прерано, пречесто играње, тешките тренинзи, прераната специјализација, а помеѓу другото и неправилната тренерска филозофија (на пр. барање од децата да се победи по секоја цена). Се разбира, природно е од страна на младите играчи (и од нивните родители) да се очекуваат брзи резултати. Но, во спортот не постои скратен пат и тренерите ќе бидат неуспешни доколку не го прифатат фактот дека за исполнување на целосниот потенцијал кај децата е потребно време.
Победувањето наспроти развојот на таленти е тема на разговор насекаде во светот. Но, клучот на проблемот е во тоа што националните федерации сеуште мислат дека постои само еден начин на натпреварување. Така што акцентот е ставен на тоа да се бараат и да се пронајдат перфектните играчи, а со тоа го оправдуваат само начинот на натпреварување за да се победи, мислејќи дека тоа е најдобриот начин да се селектираат добри играчи.
За жал во таквиот систем, помалку способните деца се бомбардирани со бескрајно многу недостижни за нив цели и се подучувани од страна на тренерите да победуваат и се под постојан притисок за да ги постигнат најдобрите резултати што е можно порано. Земете го во предвид следниот пример: Во секоја младинска секција во училиштата, клубовите и други институции, пред да се започне со тренирањето на младите деца, тренерите треба да одлучат помеѓу две многу различни типови на работна етика:
  1. Да се обидат да ги водат своите тимови да победуваат краткорочно - по секоја цена.
  2. Да се обидуваат да ги развиваат децата постепено, според нивната возраст, односно долгорочен пристап.
За жал, височината и силата на младите фудбалери продолжува да биде најважната карактеристика на многу тимови. Насекаде е познато дека колку е поголем играчот, толку подобри резултати ќе постигне тренерот. Висината на играчите е многу чето одлучувачки фактор при селектирањето, посебно во натпреварувањата за многу млади играчи. Ова е голема грешка која што ја прават тренерите. Тие треба да се концентрираат да ги развиваат техничко-тактичките способности на децата кои се прикладни за нивната возраст, затоа што кога ќе пораснат висината е помалку влијателна, но те-та способност доаѓа до израз и доколку не е доволно совладана ќе претставува голем проблем за играчот.
Покрај тоа што тренерите сакаат постојано да победуваат, следна грешка што ја прават е пренагласување на тактиката. Потребно е да се знае дека техничката способности се есенцијални доколку се сака во подоцнежните години играчите да бидат способни да спроведуваат одредени тактички замисли.
Добриот тренер во млади категории не е оној кој го држи рекордот на победени натпревари, туку оној кој исполнува две работи: Прво, тој знае како да ги научи младите студенти да имаат вистинска страст за фудбалот, инспирирајќи го младиот играч да ги подобрува своите способности и надвор од тренингот. Второ, тој ги подготвува своите играчи да бидат успешни во следната возрасна категорија, односно ги подготвува за иднината. Следно ниво или категорија значи подготвување на помали деца да направат скок од една во друга категорија, како на пр. од категоријата до 16 години во категоријата под 18 год. или од категоријата под 18 год. во првиот тим.

Генерално гледано од техничкиот, тактичкиот, физичкиот и психолошкиот дел, во фудбалот најлесно и набрзо може да се развие физичката подготвеност. Според тоа, доколку се продолжи да се оценуваат квалитетите на тренерите според победничкиот рекорд, во тој случај идните генерации на тренери ќе бидат охрабрувани да се фокусираат единствено на физичкиот аспект на играта и на старомодниот тренерски стил кои би гарантирале победи. Овој начин не одалечува од развојот на те-та способности, како и од тренирањето на децата за да ја разбираат играта. Исто така неопходно е да им се понуди на децата нов тренерски стил, кој ќе им овозможи да бидат независни во размислувањата во текот на играта и да не зависат единствено од командите кои ги добиваат од тренерите.
Вообичаено е за тренерите како и за родителите на децата од 8 до 12 годишна возраст да бидат нестрпливи и да бараат брзо постигнување на резултати. Оваа опсесија е движечка сила позади многуте тренерски тренажни програми, каде што тренинзите се исклучиво фудбалски ориентирани. За жал, овие тренери не ги развиваат во доволна мера кај децата фундаменталните движечки способности, брзината, моќта и издржливоста, како и перцептивните способности, донесувањето на одлуки во вистинско време, креативноста и менаџирањето на параметрите простор и тајминг.
Доколку се следат програмите за постигнување на брзи резултати можно е да се постигнат посакуваните резултати краткорочно но со тоа децата прерано ќе се специјализираат и шансите за повреди се поголеми. Исто така децата кои биле подложени на таков начин на тренирање можно е да прерано се откажат од фудбалот.
Златните години за развој на моторичките способности се од 7 до 11 годишна возраст и доколку играчот ги има совладано, тогаш подоцна ќе биде способен лесно да ги надминува комплицираните те-та побарувања на фудбалската игра.

За во иднина како идеја да се мотивираат фудбалските тренери да ги модифицираат структурата и содржината на нивните тренинзи, или целосната нивна визија за развивањето на нивните играчи помеѓу 8 и 13 годишна возраст, би можело да послужу промената на начинот на натпреварување. Идејата е да покрај класичните фудбалски утакмици, менито на натпреварување се зголеми/прошири со разни фудбалски декатлони, триатлони итн (игрите од овој вид ќе бидат објавени во некои од наредните статии или може да ме контактирате на e-mail за да ги споделиме). На овој начин во иднина постепено би се променила структурата на традиционалното натпреварување. Очигледно е дека скоро сите тренери и наставници ги подготвуваат децата за фудбалските натпревари со помош на специфични фудбалски вежби и поедноставени игри кои ги стимулираат ситуациите со кои децата ќе се сретнат за време на официјалните натпревари.
Но, кога натпреварувањето би било повеќе страно (мулти-латерално), односно составено од повеќе видови на игри, тренерите ќе бидат принудени да ја адаптираат својата тренажна програма според видот на натпреварувањето. Се додека детскиот натпреварувачки систем остане исклучиво фудбалски специфичен, исто така и тренерските тренажни програми ќе останат строго фудбалски специфични.
Преку различниот начин на структурирање на детскиот натпреварувачки систем, тренерите кои сакаат да победуваат ќе научат и разберат дека за време на тие млади години кај децата акцентот треба да биде ставен на развојот на општо-сестраните способности, а да се избегнува прераната специјализација.
Едноставно фудбалските работници треба да сфатат дека победувањето и губењето е важно за подоцнежните години како и на сениорско ниво. Секој кој работи со млади категории треба да знае дека на прво место треба да биде развојот на детето, а не победувањето.
Во подоцнежниот развој децата ќе ја развијат желбата за победа, а истовремено ќе го развиваат својот фудбалски потенцијал преку соодветни натпреварувања како мини-фудбалот. Исто така фудбалските тренери треба да им овозможат на децата да се натпреваруваат во вид на турнири составени од фудбалски триатлони кои се карактеризираат со едноставни фудбалски игри како и разни мулти - латерални (сестрани) активности.
Со користење на повеќе страни натпреварувања според годишната возраст, ќе се овозможи да децата бидат изложени на фундаментални фудбалски - специфични игри како и на фундаменталните повеќе - целни активности. На овој начин фокусот е на победување и на тоа да децата се забавуваат, со тоа што во исто време ќе се развиваат како комплетни фудбалски играчи и личности.


УСПЕХОТ НА ТРЕНЕРИТЕ ВО МЛАДИНСКИТЕ КАТЕГОРИИ НЕ ТРЕБА ДА БИДЕ ОЦЕНУВАН СПОРЕД БРОЈОТ НА ПОБЕДИ, ТУКУ СПОРЕД БРОЈОТ НА ФУДБАЛЕРИ ЗА КОЈ СЕ СПОСОБНИ ДА ГИ РАЗВИЈАТ СЕКОЈА СЕЗОНА И ДА СТАНАТ ЧЛЕНОВИ НА СЕНИОРСКИОТ ТИМ ИЛИ НА РЕПРЕЗЕНТАТИВНИОТ ТИМ.

Friday, April 22, 2016

СИСТЕМ НА ИГРА 1-4-3-3


Запознавање со  системот на игра 1-4-3-3


Холанѓаните во најголема мера се одговорни за развивањето на системот 1-4-3-3. Ова е систем на игра којшто е многу популарен и е користен од многу клубови како и национални тимови. Иако постојат повеќе начини да се игра во системот 1-4-3-3, одбранбените 4 играчи се користат на истиот начин како кај конвенционалниот систем 1-4-4-2, играјќи зонски како компактна одбранбена четворка во фаза на одбрана.
Зонска одбрана е кога играчите кои ја сочинуваат одбранбената четворка маркираат одреден простор на теренот, а не стрикно противнички играчи. Притоа нивната задача е да ја покриваат сопствената зона како и да ги покриваат соиграчите кога противничкиот играч кој ја има топката не е во нивната зона. Зонската одбранбена четворка е составена од десен бек (2), двајца централни дефанзивци (5&6) и лев бек (3). Тие играат како една компактна целина, притоа придвижувајќи се сите заедно за да ја покријат целосната широчина на теренот како и да го затворат просторот којшто доколку на противничките напаѓачи им се остави можат да го искористат.

Во просторот пред овие 4 одбранбени играчи се поставени 3 централни играчи за врска. Овие 3 играчи формираат триаголник на средината на теренот. Притоа тие можат да бидат поставени како двајца дефанзивни играчи за врска и еден офанзивен или со еден дефанзивен и со двајца офанзивни средни играчи. Начинот на којшто овие играчи треба да играат во фаза на одбрана може да биде различен но основната задача е да бидат добро поставени и да го исполнуваат просторот пред одбранбената линија како и да ги заштитат со тоа што нема да дозволат да се играат пасови помеѓу нив до противничките напаѓачи. Како тие ќе се справуваат, односно ги покриваат противничките странични играчи во фаза на дефанзива, во голема мера зависи од одлуката на тренерот. Една од тактичките замисли на тренерот може да биде да им помогне на средните 3 играчи со тоа што ќе му даде задача на еден од страничните офанзивни играчи којшто е од страната каде што противникот ја има топката да се врати и како четврти среден играч да формира средна линија од 4 играчи...
... или друга тактичка замисла е да се поместат сите тројца на страната каде што противникот ја има топката (посилната страна), со тоа што спротивниот офанзивен страничен играч ќе се врати и ќе формира линија од 4 средни играчи при што ќе балансира на послабата страна.
Доколку формата на триаголникот е со 2 дефанзивни средни играчи и 1 офанзивен, тогаш во овој случај вообичаено е за страничниот офанзивен играч од кај посилната страна да се повлече и да го покрива просторот пред бекот, а офанзивниот среден играч е задолжен да балансира на центарот од теренот.
Тројцата напаѓачи се поставени на начин што двајца од нив се позиционирани како странични со еден централен напаѓач. Како што беше претходно напоменато, дефанзивните задачи на страничните напаѓачи се диктирани од тактичките замисли на тренерот и во некои случаи не е исклучено да и двајцата добијат исклучително дефанзивни одговорности за да формираат компактна 1-4-5-1 формација...
... иако еден од страничните напаѓачи може да има дозвола да остане високо позициониран за да претставува проблем/опасност за противничкиот тим при евентуален контра-напад.
Основната причина за еволуцијата на 1-4-3-3 била поради тоа што се мислело дека позициите на играчите на теренот можат да се искористат за да се креираат исклучителни движења (маневри) помеѓу одредени групи/целини од играчите на одредени делови од тереот, а со тоа да се создаде слободен простор и да се предизвикаат тактички проблеми за било која и да е формацијата која што би ја користел противникот. Двајцата централни дефанзивци ќе си останат на своите позиции, со тоа што двајцата бекови имаат дозвола да се постават повисоко на теренот и да се подршка/опција при градењето на нападот доколку играчите за врска формираат триаголник којшто има 1 дефанзивен среден играч пред одбранбената четворка, а не 1 офанзивен среден играч во просторот позади напаѓачот.
Тројцата средни играчи може да ротираат, односно да ги променуваат своите места многу ефективно во склоп на оваа формација за да се отвори слободен простор за еден од нив да ја прими топката без разлика дали поставеноста е со подефанзивен триаголник или со поофанзивен триаголник, преку добро движење и ротација, сигурно ќе биде креиран слободен простор.
Еднаш откако играчот ќе ја прими топката во централниот дел од теренот, многу движења/опции ќе можат да бидат креирани од играчите кои се пред него, а со тоа да се предизвикаат многу тактички проблеми за противничкиот тим. Играчот кој е позициониран најнапред од средниот триаголник сега ќе биде во позиција да ја прими топката во празниот простор позади напаѓачот, односно помеѓу противничката одбранбена и средна линија.
Страничните напаѓачи во овој систем вообичаено се брзи играчи и способни да играат 1 на 1 во фаза на напад против играчите кои ги маркираат. Ова отвора изобилство од напаѓачки опции за системот 1-4-3-3. Страничниот напаѓач може или да ја прими топката и веднаш да го нападне играчот кој е задолжен да го чува и да игра 1 на 1, што е многу поволна и посакувана ситуација за напаѓачот бидејќи е во голема предност...
... или да се отвори и да ја бара топката кон средината на теренот во вистинско време и или да ја прими топката во идеална позиција помеѓу противничките одбранбени линии, односно во третата зона доколку играчот којшто требало да го маркира не го следи...
... или доколку е следен од својот чувар, оваа ситуација отвора слободен простор за бекот да ја добие топката и да претставува опасност за противничкиот тим.
Во главно напаѓачот во овој ситем треба да остане што е можно повисоко на теренот, вообичаено треба да се движи централно и да не оди странично од ширината на шеснаесетникот.
Секое додавање кое ќе биде одиграно до него и ако успее да ја задржи топката и да сочека да стигне подршката ќе овозможи или да средниот офанзивен играч кој ќе му се придодаде ја прими топката...
... или да страничниот напаѓач му пријде кон средината и тој да ја прими топката...
... или повторно да биде искреиран простор за офанзивниот бек доколку противничкиот бек го следи движењето кон средината на страничниот напаѓач.
Како што може да се забележи, системот 1-4-3-3 овозможува бескрајно многу варијанти на напаѓачки движења на кои што многу тешко може да се пронајде против игра.