Friday, April 22, 2016

СИСТЕМ НА ИГРА 1-4-3-3


Запознавање со  системот на игра 1-4-3-3


Холанѓаните во најголема мера се одговорни за развивањето на системот 1-4-3-3. Ова е систем на игра којшто е многу популарен и е користен од многу клубови како и национални тимови. Иако постојат повеќе начини да се игра во системот 1-4-3-3, одбранбените 4 играчи се користат на истиот начин како кај конвенционалниот систем 1-4-4-2, играјќи зонски како компактна одбранбена четворка во фаза на одбрана.
Зонска одбрана е кога играчите кои ја сочинуваат одбранбената четворка маркираат одреден простор на теренот, а не стрикно противнички играчи. Притоа нивната задача е да ја покриваат сопствената зона како и да ги покриваат соиграчите кога противничкиот играч кој ја има топката не е во нивната зона. Зонската одбранбена четворка е составена од десен бек (2), двајца централни дефанзивци (5&6) и лев бек (3). Тие играат како една компактна целина, притоа придвижувајќи се сите заедно за да ја покријат целосната широчина на теренот како и да го затворат просторот којшто доколку на противничките напаѓачи им се остави можат да го искористат.

Во просторот пред овие 4 одбранбени играчи се поставени 3 централни играчи за врска. Овие 3 играчи формираат триаголник на средината на теренот. Притоа тие можат да бидат поставени како двајца дефанзивни играчи за врска и еден офанзивен или со еден дефанзивен и со двајца офанзивни средни играчи. Начинот на којшто овие играчи треба да играат во фаза на одбрана може да биде различен но основната задача е да бидат добро поставени и да го исполнуваат просторот пред одбранбената линија како и да ги заштитат со тоа што нема да дозволат да се играат пасови помеѓу нив до противничките напаѓачи. Како тие ќе се справуваат, односно ги покриваат противничките странични играчи во фаза на дефанзива, во голема мера зависи од одлуката на тренерот. Една од тактичките замисли на тренерот може да биде да им помогне на средните 3 играчи со тоа што ќе му даде задача на еден од страничните офанзивни играчи којшто е од страната каде што противникот ја има топката да се врати и како четврти среден играч да формира средна линија од 4 играчи...
... или друга тактичка замисла е да се поместат сите тројца на страната каде што противникот ја има топката (посилната страна), со тоа што спротивниот офанзивен страничен играч ќе се врати и ќе формира линија од 4 средни играчи при што ќе балансира на послабата страна.
Доколку формата на триаголникот е со 2 дефанзивни средни играчи и 1 офанзивен, тогаш во овој случај вообичаено е за страничниот офанзивен играч од кај посилната страна да се повлече и да го покрива просторот пред бекот, а офанзивниот среден играч е задолжен да балансира на центарот од теренот.
Тројцата напаѓачи се поставени на начин што двајца од нив се позиционирани како странични со еден централен напаѓач. Како што беше претходно напоменато, дефанзивните задачи на страничните напаѓачи се диктирани од тактичките замисли на тренерот и во некои случаи не е исклучено да и двајцата добијат исклучително дефанзивни одговорности за да формираат компактна 1-4-5-1 формација...
... иако еден од страничните напаѓачи може да има дозвола да остане високо позициониран за да претставува проблем/опасност за противничкиот тим при евентуален контра-напад.
Основната причина за еволуцијата на 1-4-3-3 била поради тоа што се мислело дека позициите на играчите на теренот можат да се искористат за да се креираат исклучителни движења (маневри) помеѓу одредени групи/целини од играчите на одредени делови од тереот, а со тоа да се создаде слободен простор и да се предизвикаат тактички проблеми за било која и да е формацијата која што би ја користел противникот. Двајцата централни дефанзивци ќе си останат на своите позиции, со тоа што двајцата бекови имаат дозвола да се постават повисоко на теренот и да се подршка/опција при градењето на нападот доколку играчите за врска формираат триаголник којшто има 1 дефанзивен среден играч пред одбранбената четворка, а не 1 офанзивен среден играч во просторот позади напаѓачот.
Тројцата средни играчи може да ротираат, односно да ги променуваат своите места многу ефективно во склоп на оваа формација за да се отвори слободен простор за еден од нив да ја прими топката без разлика дали поставеноста е со подефанзивен триаголник или со поофанзивен триаголник, преку добро движење и ротација, сигурно ќе биде креиран слободен простор.
Еднаш откако играчот ќе ја прими топката во централниот дел од теренот, многу движења/опции ќе можат да бидат креирани од играчите кои се пред него, а со тоа да се предизвикаат многу тактички проблеми за противничкиот тим. Играчот кој е позициониран најнапред од средниот триаголник сега ќе биде во позиција да ја прими топката во празниот простор позади напаѓачот, односно помеѓу противничката одбранбена и средна линија.
Страничните напаѓачи во овој систем вообичаено се брзи играчи и способни да играат 1 на 1 во фаза на напад против играчите кои ги маркираат. Ова отвора изобилство од напаѓачки опции за системот 1-4-3-3. Страничниот напаѓач може или да ја прими топката и веднаш да го нападне играчот кој е задолжен да го чува и да игра 1 на 1, што е многу поволна и посакувана ситуација за напаѓачот бидејќи е во голема предност...
... или да се отвори и да ја бара топката кон средината на теренот во вистинско време и или да ја прими топката во идеална позиција помеѓу противничките одбранбени линии, односно во третата зона доколку играчот којшто требало да го маркира не го следи...
... или доколку е следен од својот чувар, оваа ситуација отвора слободен простор за бекот да ја добие топката и да претставува опасност за противничкиот тим.
Во главно напаѓачот во овој ситем треба да остане што е можно повисоко на теренот, вообичаено треба да се движи централно и да не оди странично од ширината на шеснаесетникот.
Секое додавање кое ќе биде одиграно до него и ако успее да ја задржи топката и да сочека да стигне подршката ќе овозможи или да средниот офанзивен играч кој ќе му се придодаде ја прими топката...
... или да страничниот напаѓач му пријде кон средината и тој да ја прими топката...
... или повторно да биде искреиран простор за офанзивниот бек доколку противничкиот бек го следи движењето кон средината на страничниот напаѓач.
Како што може да се забележи, системот 1-4-3-3 овозможува бескрајно многу варијанти на напаѓачки движења на кои што многу тешко може да се пронајде против игра.























No comments:

Post a Comment