Friday, April 22, 2016

СИСТЕМ НА ИГРА 1-4-3-3


Запознавање со  системот на игра 1-4-3-3


Холанѓаните во најголема мера се одговорни за развивањето на системот 1-4-3-3. Ова е систем на игра којшто е многу популарен и е користен од многу клубови како и национални тимови. Иако постојат повеќе начини да се игра во системот 1-4-3-3, одбранбените 4 играчи се користат на истиот начин како кај конвенционалниот систем 1-4-4-2, играјќи зонски како компактна одбранбена четворка во фаза на одбрана.
Зонска одбрана е кога играчите кои ја сочинуваат одбранбената четворка маркираат одреден простор на теренот, а не стрикно противнички играчи. Притоа нивната задача е да ја покриваат сопствената зона како и да ги покриваат соиграчите кога противничкиот играч кој ја има топката не е во нивната зона. Зонската одбранбена четворка е составена од десен бек (2), двајца централни дефанзивци (5&6) и лев бек (3). Тие играат како една компактна целина, притоа придвижувајќи се сите заедно за да ја покријат целосната широчина на теренот како и да го затворат просторот којшто доколку на противничките напаѓачи им се остави можат да го искористат.

Во просторот пред овие 4 одбранбени играчи се поставени 3 централни играчи за врска. Овие 3 играчи формираат триаголник на средината на теренот. Притоа тие можат да бидат поставени како двајца дефанзивни играчи за врска и еден офанзивен или со еден дефанзивен и со двајца офанзивни средни играчи. Начинот на којшто овие играчи треба да играат во фаза на одбрана може да биде различен но основната задача е да бидат добро поставени и да го исполнуваат просторот пред одбранбената линија како и да ги заштитат со тоа што нема да дозволат да се играат пасови помеѓу нив до противничките напаѓачи. Како тие ќе се справуваат, односно ги покриваат противничките странични играчи во фаза на дефанзива, во голема мера зависи од одлуката на тренерот. Една од тактичките замисли на тренерот може да биде да им помогне на средните 3 играчи со тоа што ќе му даде задача на еден од страничните офанзивни играчи којшто е од страната каде што противникот ја има топката да се врати и како четврти среден играч да формира средна линија од 4 играчи...
... или друга тактичка замисла е да се поместат сите тројца на страната каде што противникот ја има топката (посилната страна), со тоа што спротивниот офанзивен страничен играч ќе се врати и ќе формира линија од 4 средни играчи при што ќе балансира на послабата страна.
Доколку формата на триаголникот е со 2 дефанзивни средни играчи и 1 офанзивен, тогаш во овој случај вообичаено е за страничниот офанзивен играч од кај посилната страна да се повлече и да го покрива просторот пред бекот, а офанзивниот среден играч е задолжен да балансира на центарот од теренот.
Тројцата напаѓачи се поставени на начин што двајца од нив се позиционирани како странични со еден централен напаѓач. Како што беше претходно напоменато, дефанзивните задачи на страничните напаѓачи се диктирани од тактичките замисли на тренерот и во некои случаи не е исклучено да и двајцата добијат исклучително дефанзивни одговорности за да формираат компактна 1-4-5-1 формација...
... иако еден од страничните напаѓачи може да има дозвола да остане високо позициониран за да претставува проблем/опасност за противничкиот тим при евентуален контра-напад.
Основната причина за еволуцијата на 1-4-3-3 била поради тоа што се мислело дека позициите на играчите на теренот можат да се искористат за да се креираат исклучителни движења (маневри) помеѓу одредени групи/целини од играчите на одредени делови од тереот, а со тоа да се создаде слободен простор и да се предизвикаат тактички проблеми за било која и да е формацијата која што би ја користел противникот. Двајцата централни дефанзивци ќе си останат на своите позиции, со тоа што двајцата бекови имаат дозвола да се постават повисоко на теренот и да се подршка/опција при градењето на нападот доколку играчите за врска формираат триаголник којшто има 1 дефанзивен среден играч пред одбранбената четворка, а не 1 офанзивен среден играч во просторот позади напаѓачот.
Тројцата средни играчи може да ротираат, односно да ги променуваат своите места многу ефективно во склоп на оваа формација за да се отвори слободен простор за еден од нив да ја прими топката без разлика дали поставеноста е со подефанзивен триаголник или со поофанзивен триаголник, преку добро движење и ротација, сигурно ќе биде креиран слободен простор.
Еднаш откако играчот ќе ја прими топката во централниот дел од теренот, многу движења/опции ќе можат да бидат креирани од играчите кои се пред него, а со тоа да се предизвикаат многу тактички проблеми за противничкиот тим. Играчот кој е позициониран најнапред од средниот триаголник сега ќе биде во позиција да ја прими топката во празниот простор позади напаѓачот, односно помеѓу противничката одбранбена и средна линија.
Страничните напаѓачи во овој систем вообичаено се брзи играчи и способни да играат 1 на 1 во фаза на напад против играчите кои ги маркираат. Ова отвора изобилство од напаѓачки опции за системот 1-4-3-3. Страничниот напаѓач може или да ја прими топката и веднаш да го нападне играчот кој е задолжен да го чува и да игра 1 на 1, што е многу поволна и посакувана ситуација за напаѓачот бидејќи е во голема предност...
... или да се отвори и да ја бара топката кон средината на теренот во вистинско време и или да ја прими топката во идеална позиција помеѓу противничките одбранбени линии, односно во третата зона доколку играчот којшто требало да го маркира не го следи...
... или доколку е следен од својот чувар, оваа ситуација отвора слободен простор за бекот да ја добие топката и да претставува опасност за противничкиот тим.
Во главно напаѓачот во овој ситем треба да остане што е можно повисоко на теренот, вообичаено треба да се движи централно и да не оди странично од ширината на шеснаесетникот.
Секое додавање кое ќе биде одиграно до него и ако успее да ја задржи топката и да сочека да стигне подршката ќе овозможи или да средниот офанзивен играч кој ќе му се придодаде ја прими топката...
... или да страничниот напаѓач му пријде кон средината и тој да ја прими топката...
... или повторно да биде искреиран простор за офанзивниот бек доколку противничкиот бек го следи движењето кон средината на страничниот напаѓач.
Како што може да се забележи, системот 1-4-3-3 овозможува бескрајно многу варијанти на напаѓачки движења на кои што многу тешко може да се пронајде против игра.























Wednesday, April 20, 2016

ПЕРИОДИЗАЦИЈА НА СПОРТСКИОТ ТРЕНИНГ

ПЕРИОДИЗАЦИЈА НА СПОРТСКИОТ ТРЕНИНГ


Многу генерации научници, тренери и спортисти отсекогаш се обидувале да изградат таков тренажен систем којшто би овозможил да се постигнуваат најдобри спортски резултати. Во тие настојувања тие се посветиле на решавање на три општи проблеми:
  • Како да се изгради ефективен тренажен план за доволно долг период,
  • Како да се овозможи оптимална примена на тој план,
  • Како да се отствари најповолна комбинација на сите способности на спортистот точно за време на главното натпреварување
Сите три прашања се однесуваат на поимот периодизација на спортскиот тренинг, односно на смислено распоредување на различни тренажни единици (долгорочно, среднорочно и краткорочно планирање на тренажните циклуси и на поединечните тренинзи) за да спортистот ја достигне посакуваната состојба (форма) и да се подготви за постигнување на одредени резултати. Со оглед на тоа дека периодизацијата на тренингот опфаќа многу променливи и зависи од бројни околности, совршен модел за тренинг постои само во теоријата.

Историски развој на периодизацијата на спортскиот тренинг

Планирањето не е ништо ново и не е откриено од Русите како што кажуваат некои автори. Планирањето во наједноставни облици постоело уште од времето на Античките Олимписки Игри. Флавие Филострат (170 - 245г.п.н.е.) напишал неколку прирачници за планирањето и тренингот на грчките олимпијци, при што повеќето се уништени. Еве поради ова планирањето не е новост. Искуството и знаењето кое денес го имаме го опфаќа напредокот од антиката до денес. Многу автори, спортски научници и тренери допринеле за овој напредок. Сите тие заслужуваат признание за она што денес го знаеме. Но темелите на модерната периодизација на спортскиот тренинг се поставени на средината на дваесетиот век. 
Корените на периодизацијата доаѓаат од моделот на Hans Selye, познат како "Генерален адаптационен синдром", којшто го опишува биолошкиот одговор на стрес. "Генералниот адаптационен синдром" ги опишува трите основни фази на биолошката реакција на стресот: а) фазата на аларм, б) фазата на отпорност и в) фазата на исцрпеност.
Периодизацијата на тренингот, која настанала 1950тите години во бившиот Советски Сојуз, како научен поим ја вовел Матвејев во 1964 година. Подоцна концептот на периодизација на спортскиот тренинг се проширил и во Источна Европа, а покасно и во западните земји и остатокот на светот.
Голем допринос за развојот и ширењето на периодизацијата на тренингот има и Романскиот спортски научник Тудор Бомпа.
Модел на периодизација според Матвејев (соодветен за спортисти кои се почетници)


Модификација на моделот според Матвејев (модел за напредни спортисти)


Општо за периодизацијата на спортскиот тренинг

Периодизацијата претставува систематско и организирано планирање на спортскиот тренинг. Целта е да спортистот ја достигне најдобрата можна перформанса (форма) точно за време на најважното натпреварување.
Периодизацијата е една од најважните концепти во тренирањето и планирањето. Изразот потекнува од зборот ,,период", односно го поделува времето на помали сегменти со коишто е полесно да се управува и кои се нарекуваат фази на тренингот.
Периодизацијата се однесува на два важни аспекти. Периодизација на годишниот план која што го дели тој план на помали тренажни фази, притоа на тој начин го олеснува планирањето и водењето на тренингот и го осигурува постигнувањето на најдобрата спортска форма за време на главното натпреварување во годината. Периодизација на биомоторичките способности се однесува на структурирање на фазите на тренингот за да брзината, силата и издржливоста се доведат до највисок степен на тренираност.

Општи карактеристики на периодизација на тренингот - според традиционалниот пристап

Традиционалниот пристап на периодизацијат на тренингот се состои од хиерархиски систем на тренажни единици кои периодично се повторуваат (табела 1.). Горното ниво на тој хиерархиски систем припаѓа на четиригодишниот олимписки циклус. Следното ниво на хиерархијата претставуваат макроциклусите. Макроциклусот обично трае една година, но може да се скрати и на пола година. Макроциклусите се поделени на тренажни периоди. Тренажните периоди имаат клучна улога во традиционалната теорија бидејќи го делат макроциклусот на два големи дела: првиот се однесува на општа прелиминарна работа (подготвителен период); вториот повеќе на подготвителна работа (посебен преднатпреварувачки период) и натпреварување (натпреварувачки период).
Освен тоа, третиот краток период, се остава за активен опоравок и рехабилитација на спортистите. Следните две нивоа во хиерархијата се резервирани за мезоциклусите (средни тренажни циклуси) и микроциклусите (мали тренажни циклуси). Последното ниво во хиерархијата го завземаат поединечните тренинзи и вежбите кои претставуваат основни елементи на целиот тренажен систем.

Табела 1.         Хиерархија и траење на тренажните периоди

Тренажен период
Време на траење
Начин на планирање
Четиригодишен (олимписки) циклус
Четири години – период помеѓу Олимписките игри
Долгорочно
Макроциклус (годишен циклус)
Една година или неколку месеци
Долгорочно
Мезоциклус
Неколку недели
Среднорочно
Микроциклус
Една недела или неколку дена
Краткорочно
Поединечен тренинг
Неколку часови (обично не повеќе од три)

Тренажна вежба
Неколку минути